„Си нацртав живот“ – нов албум на „21 век“

Напишано од на September 12, 2021

21 ВЕК го објави својот трет студиски албум насловен „СИ НАЦРТАВ ЖИВОТ“ кој од денеска, под етикетата на „Пасворд Продакшн“, е достапен на сите поголеми дигитални музички платформи.

Бендот 21 ВЕК е изнедрен од пост-панк круговите на македонската алтернативна сцена и формиран од долгогодишните соработници и другари: Васко Атанасоски – вокал, Дени Крстев – гитара и програмирање и Раде Јордановски – бас. Докажани имиња за музичките познавачи кои публиката ги препознава и како членови на култните Bernays Propaganda, ХАХАХА, FxPxOx, Fonia и My Tear. Сега, со новиот албум групата се покажува во сосем поинакво светло од она на кое сме навикнати од нив во минатото. Tажните мелодии и љубовните текстови се основата на новиот албум и звук на 21 ВЕК кој „СИ НАЦРТАВ ЖИВОТ“ го најавува како љубовно-исповедничка плоча, базирана на вистински настани.

Албумот е сниман во долг период (од 11 јануари 2020 до 17 јули 2021), во Студио 1060 од страна на Дени Крстев кој воедно е и продуцент на ова издание кое носи осум нови песни. Сите песни ги напиша бендот, а насловната страна е на Дамеска Дона.

Групата претходно го најави албумот со два сингла кои беа објавени и со видеозаписи во режија на Милан Блажевски, првиот објавен во јуни годинава за песната „Ужасно ми фалиш“, а кон крајот на август излезе и видеото за „Сама види си“.

21 ВЕК со „СИ НАЦРТАВ ЖИВОТ“ веќе има 3 албуми и има оствирено концерти низ Словенија, Хрватска, Холандија, Франција, Србија, Унгарија, Македонија и Чешка. Во август тие беа дел од програмата на главната бина на Д ФЕСТИВАЛ во Дојран, а нивниот следен настап е веќе овој викенд, на 10 септември во склоп на мултимедијалниот фестивал „Кокино – Тврдина на сонцето“.

„СИ НАЦРТАВ ЖИВОТ“ е објавен под етикетата на „Пасворд Продакшн“ и од денеска е достапен на сите поголеми дигитални музички платформи, како и преку официјалните страници на 21 ВЕК.


Reader's opinions

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *



Моментално во етер

Title

Artist