Песните на Ѓорѓе Балашевиќ во српските учебници по музичка култура

Напишано од на May 27, 2021

Ако сте од онаа генерација која растеше, созреваше или се вљубуваше заедно со песните на Ѓорѓе Балашевиќ, тогаш наизуст ги знаете неговите “Рачунајте на нас”, “Прва љубав”, “Живот је море”, “Неки нови клинци”, “Опрости ми Катрин”, “Свирајте ми јесен стиже дуњо моја”, “Не ломите ми багрење”, “Панонски морнар”, “Лепа протина кчи” и многу, многу други кои што тој ги раскажуваше лесно како приказни, во една своја шмекерска позиција. Лесно, затоа што сам си ги пишуваше песните и сите тие напливи од чувства и зборови беа дел од неговиот емоционален вулкан кој на моменти знаеше и да заслепи со својата ерупција. Пред извесно време си замина тивко оставајќи ги неговите обожаватели во неизмерна тага затоа што остана недовршен неговиот музички пат…пат “поплочен” со ѕвезди, бакнежи, воздишки, но и на моменти трња од кои Балашевиќ не се плашеше и секогаш им пркосеше.

Познатиот кантавтор и текстописец Ѓорѓе Балашевиќ со свои песни се најде во српските учебници за музичка култура наменети за основното образование. Од оваа година во учебникот за 8-мо одделение на издавачката куќа “Клет” од Белград се најде неговата “Дрвена песна”, додека во 7-мо и 6-то одделение свое место најдоа “Девојка са чардаш ногама” и “Д – мол”. Според една од авторките на учебникот, целта е да се запознаат младите генерации со неговата работа и творештво кои оставија значаен белег во општеството и поп музиката. Рок критичарот Петар Пеца Поповиќ пак смета, дека ова е доволно за почеток и дека неговото дело допрва ќе мора да се открива, но за тоа ќе биде потребно да помине одредено време.


Reader's opinions

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *



Моментално во етер

Title

Artist

Следува